Почетна страница Контакти Маркетинг Инфо
дома home avtomobili kola koli нови автомобили avtomobil kola koli половни avtomobil kola koli тестови avtomobil kola koli видеа avtomobil kola koli фотографии avtomobil kola koli форум avtomobil kola koli
  ПРОНАЈДИ НОВ АВТОМОБИЛ        НАЈНОВИ МОДЕЛИ        НАЈПОПУЛАРНИ       ТЕСТ       ПРЕМИЕРА        ВОЗЕВМЕ       СПОРЕДБИ       САЕМИ        ИДНИ МОДЕЛИ
Насловна > Новости > Тест > Тест – Toyota Avensis 2.2 D4-D - Самурајот медитира
 
Spodeli
29 јуни 2011, 20:30


Тест – Toyota Avensis 2.2 D4-D - Самурајот медитира Toyota Avensis Тест – Toyota Avensis 2.2 D4-D - Самурајот медитира
Прво со Carina, па со двете генерации на Avensis, Toyota отсекогаш ги поставувала стандардите за уживање во средната класа. Го продолжува ли и третата генерација на Avensis патот по кој претходниците тргнаа? Апсолутно. ...
fotografii фотографии Види фотографии komentari коментари Напиши коментар

Но, колку што беа успешни, моделите на Toyota во бизнис класата беа препознавани и како претерано безлични и непрепознатливи. Секако, дури и денес, нивните сопственици најчесто ќе ги гледате насмеани, фалејќи се како поминале преку 200.000 km без да сменат ниту еден дел, но не и фалејќи се колку брзо возеле на автопат. Со новиот Avensis, Toyota сака да ги поправи работите токму кога е во прашање забавата во возењето и дизајнот, иако повторно, главна цел било конструирањето на смирен и удобен седан од средната класа.

Дизајн



Надворешниот визуелен идентитет се чини е најголемиот чекор напред кај новата генерација на Avensis. Се уште не се загрозени најубавите модели во класата, но благодарение на предната агресивна и маркантна маска, играчот во средната класа на Јапонците сега изгледа многу позабележително. Можеби не е претерано атрактивен, но ако добро се погледне, Avensis е целосно убаво дизајниран автомобил. Како ретко кога гледаме автомобил кај кој секое нешто перфектно се вклопува во целината. Купе линијата од страна дава и спортска нота во изгледот. Всушност, новата генерација не би требала да се засрами ниту да носи лого на некој премиум производител.

Внатре, пак, работите не се толку напреднати. Фините материјали и добриот избор на бои се заслужни за смиреното чувство на патниците, но дизајнот апсолутно нема да заскокотка како кај конкурентите. Едноставно, се е класично изведено, без преголеми експерименти, што никако не треба да се протолкува како недостаток – на повеќето луѓе им се допаѓа ова, особено повозрасните. Интересна работа е што, Avensis, сам по себе е технолошко чудо, иако класичниот дизајн на ентериерот не ја пренесува таа порака.

На пат

Перформанси
На тест го имавме средниот дизел мотор во понудата, 2.2 со 150 КС при 3.600 врт/мин, односно 340 Nm достапни од 2.000-2.800 врт/мин. Перфекција. Моторот нуди силни перформанси, потегнува од ниски вртежи, без забележителна турбо дупка, а кога силно ќе се притисне на педалата, лепи за седиштето. Добрите перформанси се присутни и на отворен пат, па благодарение на високиот вртежен момент, Avensis лесно повлекува и во 5-тиот и во 6-тиот степен на пренос. Бројките велат дека забрзувањето до стотка трае 8,9 секунди, додека максималната брзина изнесува 210 km/h – доволно за еден од најдобрите резултати во класата.

Управливост/Удобност
Наспроти сите најави дека новиот Avensis ќе биде спортски и забавен, во глобала сепак се работи се смирен и удобен автомобил. Не дека не е способен во кривини – држи подобро од било кога и покрај повисоката маса,  секако оддавајќи силно чувство на сигурност и безбедност. За пофалба е и стабилноста на повисоките брзини, но онаму каде треба да се работи е управувањето. Секако, перфектно е добро подесено за смирено и релаксирано возење, но не е доволно директно и прецизно за подинамично и позабавно возење. Штета, затоа што и менувачот е еден од најдобрите во класата кога е во прашање прецизноста и леснотијата со која се ракува со него.

Онаму каде Avensis брилира е удобноста и леснотијата со која се движи. Суспензијата добро ги пегла сите дупки на патиштата, целосно изолирајќи ја кабината од лошите патишта кај нас. Едноставно, долгите патувања со Avensis се вистинско уживање, пандан на она кое го нуди Citroen, поставувајќи нов репер во класата.

Рафинираност
Уште со самото стартување на моторот, станува јасно дека кога е механичката рафинираност во прашање, на Јапонците им нема рамни во класата. Работи толку тивко и со толку малку вибрации, што и добрите познавачи на автомобилите можат да помислат дека се работи за бензинец. Моторот е толку добро избалансиран, што може да засрами и дизели од два пати поскапи автомобили!

Пофалба заслужува и одличната звучна изолација – со шепотење може да се разговара и на повисоки брзини. Единствено пречи фактот што се слуша малку повеќе звук од гумите, но тоа е веројатно бидејќи не се слуша звук од ништо друго. Ако веќе бараме игла во сено, премиум рафинираноста ја расипува подвозјето, кое испушта малку погласни звуци при поминувањето преку поголеми попречни нерамнини или дупки. Да не бидеме разбрани погрешно, удобноста никако не е нарушена, само се слуша малку посилен звук.

Во кабината



Простор/Практичност
Простор, како и што му наликува на седан од средната класа, има на претек и на предните и на задните седишта, во сите правци. Avensis поентира пред конкурентите и кога е во прашање удобноста на третиот патник назад, бидејќи подот е целосно рамен, па нема потреба од ширење на нозете (уф, малку незгодно беше ова!). Багажникот има зафатнина од 509 литри, што е и повеќе од доволно и е меѓу најдобрите резултати во класата.

Avensis заслужува добра оцена и кога е практичноста во прашање. Внатре има доволно места за одлагање на ситници и истите имаат солидна зафатнина, а задната клупа стандардно се спушта во сооднос 60:40. Секако, товарањето на поголеми предмети ќе претставува проблем, но така е кај сите седани. За оние на кои им пречи тоа, во опција е и караванска верзија на Avensis.

Ергономија
Она со што Avensis одушевува, е леснотијата со која возачот ќе се снаоѓа со командите. Средната конзола е чисто и прегледно дизајнирана, со големи и читливи копчиња, менувачот природно легнува на раката потпрена на предниот потпирач, а лесно се наоѓа и идеалната возачка позиција благодарение на подесувањето на седиштето и воланот во сите правци. Едноставно, се е интуитивно изведено и не бара долго време за навикнување. Како и во секоја Toyota, уште по само неколку поминати метри или километри со Avensis, ќе имате чувство дека се познавате со автомобилот одамна. 

Дека уживањето е во преден план, најдобро кажуваат завесите за затемнување за задната клупа, потоа седиштата се исклучително удобни, иако, се чини недостасува малку подобра странична поддршка, како и рачната кочница, која кај сите модели е електронска – за нејзиното активирање доволно е да се искористат само два прсти од раката. Прегледноста е меѓу најдобрите во класата, особено во задниот дел, па паркирањето и не претставува некој особен проблем.

Опрема
Моделот кој го имавме на тест беше опремен со се што е потребно за еден бизнис седан од средната класа, минус навигација. Со двозонска автоматска клима, целосна електрика, Bluetooth, клуч картичка, радио со CD+MP3 со 8 звучници, би-ксенон фарови со автоматска регулација зависно од патот (светлосниот систем одушевува, пробајте го Avensis навечер!), сензори за бришачи, електро хроматски ретровизор, завеси за задни странични и задно стакло, бамбус централна конзола итн.), Avensis со Еxecutive нивото на опрема, не остава ниту да се посака повеќе. Едноставно, како што би рекле, доаѓа со „фул“ опрема.

Финансии

Трошоци за купување и одржување, потрошувачка
Моделот кој го имавме на тест со 2.2 дизел и Elegance ниво на опрема, чини 32.490 евра. За овие пари се добива непобедливо богата опрема и дизел мотор со исклучително добри перформанси. Адут на Toyota е и високата гаранција од 5 години или 160.000 km, која треба да го олесни и така евтиното одржување на Avensis. Сепак, изборот секако би требало да падне на помалиот 2,0 дизел, кој чини 22.990 евра со Бизнис ниво на опрема, кое вклучува двозонска автоматска клима, целосна електрика, комплетен сет контроли на стабилноста, аудио систем со 8 звучници, 16 инчни алуминиумски тркала, целосно подесиво возачко седиште и подесив волан... Помалиот мотор скоро и да не губи кога се перформансите во прашање (9,7 секунди, 200 km/h), уште е поекономичен (5,4 литри просек), а разликата во цената е огромна. Всушност, цената на овој модел го прави еден од најисплатливите модели во класата.

Силна страна на 2,2 дизел моторот е и ниската потрошувачка, постигната благодарение на Toyota Optimal Drive системот. Фабричките податоци велат дека просекот изнесува 5,6 литри, односно 7 во град и 4,7 на отворено. Реално, потрошувачката во град изнесува околу 8,2 литри, додека на отворено 6 литри, што би рекло околу 6,8 литри во просек, што е извонреден резултат. По брзини, измеривме дека при 70 km/h троши околу 4,7 литри во просек, при 90 km/h (5,4 литри), 120 km/h (6,1 литри), 150 km/h (7 литри), 170 km/h (7,7 литри).

Квалитет и доверливост
За трајноста и доверливоста на возилата на Toyota веќе многупати е зборувано. Вистина е дека имиџот на нерасипливи го стресе скандалот со педалите за гас, но факт е и дека на европскиот пазар и на европските испитувања за квалитет, доверливост и задоволство на купувачите, Toyota е на самиот врв. Доказ за ова е и високата завршна обработка видлива насекаде, како и квалитетните вградени материјали во внатрешноста.

Безбедност
Со чисти пет ѕвездички по новите тестирања на EuroNCAP и безбедносна опрема која вклучува 9 воздушни перничиња и цел сет контроли на стабилноста уште во основниот модел (ABS+EBD+VSC Plus+TRC), Avensis се наметнува како еден од најбезбедните модели во класата.

Заклучок



И покрај најавите за поголема забава во возењето, Avensis останува верен на корените. Нуди исклучително висока удобност и рафинираност, доволно силна моторизација за високи брзински просеци на автопат и стандардно висок квалитет и доверливост. Според ова, тој се наметнува како еден од најдобрите крстосувачи во класата, нудејќи едно релаксирачко возачко доживување за сите патници во кабината. Во него најдобро би се нашле оние од постарата генерација и оние кои поминуваат многу километри, но и сите фамилијарни луѓе кои сакаат пред се да им пружат уживање на своите најмили. Ако ова се критериумите кои ги барате, секое евро вложено во Avensis вреди. Помладите, или оние кои сакаат подинамично возење, веројатно, малку потешко ќе се пронајдат во Avensis. 

Предности:
-    Одлична удобност
-    Тивка кабина, одлична звучна изолација
-    Ергономија
-    Стабилност при повисоки брзини
-    Одлични перформанси од 2.2 дизелот и целосно солидна моторизација
-    Високо ниво на механичка рафинираност на моторот
-    Ниска потрошувачка
-    Пространа кабина (простор и за третиот патник)
-    Голем багажник
-    Квалитет на материјали и завршна обработка
-    Безбедност
-    Опрема
-    Цена (на 2,0 дизелот)

Недостатоци:
-    Недостасува динамика и агилност во возењето
-    Недоволно прецизно и директно управување
-    Подвозјето произведува погласен звук при поминување на поголеми дупки
-    Воздржан дизајн во внатрешноста


Toyota Avensis
 Цени и нивоа на опрема
 Дополнителна опрема (*. Pdf)
 Краток опис
 Фотогалерија
 Видео




Стари коментари
Do inzener, posto samo kritikuvas moze li da pises koja kola ili koj dizajn go pocituvas a ne samo da zamaras so komentari?
Напишан од Pepe  пред  околу 75 месеци
pa toa e toyota.besprekoren kvalitet sigurnost.zatoa se trosi kaj glupite amerikanci.pa ova li e kola be.po grda ne moze da bide.
Напишан од inziner  пред  околу 75 месеци
ne deka folsvagenite se losi koli jas sum gi imal i sega imam golf 6-no avensis e stvarno klasa kola,sekoj bi ja posakal da ja ima.ednostavno prekrasno vozilo,i bi razmislil za promena na moeto vozilo......
Напишан од zvonko  пред  околу 77 месеци
На една слика има податок за просечна потрошувачка-9,7 л. на изминати 206,9 км.
Напишан од Guigaro  пред  околу 77 месеци
ubavo izgleda. Toyota e Toyota
Напишан од pepe  пред  околу 77 месеци
   
КОМЕНТАРИ - СТРАНА  1 од 6
 



Нашата редакција остро се противи на верски, расистички и национални коментари. Сите непристојни коментари ќе бидат отстранети.

Целосна архива на текстови од Тест



 
 
 
 





Suzuki Swift


Одберете нов автомобил