Почетна страница Контакти Маркетинг Инфо
дома home avtomobili kola koli нови автомобили avtomobil kola koli половни avtomobil kola koli тестови avtomobil kola koli видеа avtomobil kola koli фотографии avtomobil kola koli форум avtomobil kola koli
  ПРОНАЈДИ НОВ АВТОМОБИЛ        НАЈНОВИ МОДЕЛИ        НАЈПОПУЛАРНИ       ТЕСТ       ПРЕМИЕРА        ВОЗЕВМЕ       СПОРЕДБИ       САЕМИ        ИДНИ МОДЕЛИ
Насловна > Новости > Тест > Mazda 6 2.0i - болид за градските улици
 
Spodeli
30 октомври 2009, 17:41


Mazda 6 2.0i - болид за градските улици Mazda 6 - old Mazda 6 2.0i - болид за градските улици
Како дополнување на тест возењето на Mazda 6 со дизел мотор, ни беше овозможен тест и на бензинската изведба на 6-ката со 2,0 литарски мотор со 147 КС. Да потсетиме, дизелот од истата работна зафатнина, нормално со помош на турбо полнач, извлекува 140 КС....
fotografii фотографии Види фотографии komentari коментари Напиши коментар

Бидејќи за изгледот на автомобилот, за неговиот ентериер и комфорот во внатрешноста нема што повеќе да се каже, кај оваа изведба на Mazda 6 ќе обрнеме внимание во разликите во перформансите, потрошувачката, возните својства и секако цената во однос на дизел моделот.

Дизајн    

Делот од каде ќе започнеме секако е дизајнот. Чисто, спортски и елегантно, така е дизајнирана новата Mazda 6 2.0i.

Тука нема никакви експерименти - автомобилот воодушевува од каде и да се погледне, дури и кога се зборува за деталите. Прекрасниот спој на остри и меки линии е изведен во еден здив, па нема да згрешиме ако кажеме дека 6-ката изгледа преубаво. Можеби, единствената критика, ако можеме така да ја наречеме, е што Mazda 6 2.0i малку потсетува на Lexus LS. Критика или комплимент? Одлучете сами.



Сепак, сите детали и линии досега познати за Mazda се употребени и во овој автомобил, па ни најмалку заинтересираните за автомобилизам нема да згрешат за која марка на возила се работи.

Многу значајно, спортскиот и модерен дизајн со флуидни линии овозможува добар проток на воздухот – Mazda 6 2.0i има најдобар коефициент на отпор на воздухот во класата од 0,27 Cw кој е заслужен за ниската потрошувачка, но и за низок коефициент на одлепување од патот, што придонесува за поголема стабилност при повисоките брзини.

Во секој случај, Mazda 6 2.0i изгледа маркантно – неговите дизајнери сакале и направиле модел кој истовремено е футуристички и различен од останатите, а притоа многу успешно го задржува Mazda идентитетот.

Ентериер   
 

Многу простор, висок квалитет на материјали и завршна обработка – еден од најдобрите ентериери во класата.

Интересно е што јапонски модел, од 2008-ма, со исклучително многу технолошки иновативни решенија и напредна технологија содржи традиционален дизајн на ентериер. Класичните и се чини “вечни” округли инструменти ја красат 6-ката и веројатно најмногу ќе им се допаднат на оние кои не бараат од својот нов автомобил вселенски брод, како што тоа ги прават некои други компании.

Предната конзола е се чини еволуција на таа од претходниот модел. Се е на дофат на раката, изведено без премногу експерименти.  Чистите линии не збунуваат како кај некои други футуристички дизајнирани кокпити.



Материјалот од кој е изработен кокпитот е мека гумирана пластика, па заедно со надалеку познатата завршна обработка и страста за совршенство на Mazda, чувството на квалитет е мошне високо. Optitron осветлувањето дополнително го зголемува чувството за квалитет – мешавината на црвенкасто со сино осветлување е празник за очите во доцните вечерни часови.

Просторот и на предната и на задната клупа е на високо ниво – напред совозачот може нозете добро да ги испружи, а назад ниту повисоките нема да се пожалат на модринки во колената или искривен врат.

Седиштата не се нити многу меки ниту многу тврди. Удобни се дури и за подолги патувања, а предните две имаат добра странична поддршка и добро го држат телото и при посилно влегување во свиоците. Ова важи за сите модели, и за оние со најниско ниво на опрема.

Што се однесува до звукот, Mazda 6 2.0i има една од најтивките кабини во класата, било дали тоа се однесува на звукот од моторот, тркалата или струењето на воздухот. Во Mazda 6 2.0i може да се разговара дури и со шепотење и при брзини од 150-160 km/h, што е навистина импресивно.

Прегледноста кон надвор е одлична, па и покрај тоа што се работи за автомобил од средната класа, не е тешко ниту паркирањето во тесните паркинзи и улички, што е уште еден позитивен елемент. Ова особено доаѓа до израз ако се забележи дизајнот на автомобилот одозгора, т.е. неговите контури – линијата од крилата кон предната маска, преку фаровите е прилично заоблена, што е многу значајно за намалување на просторот потребен за маневар при паркирање – многу значајно за македонските купувачи, познавајќи ги градските гужви и малкуте места за паркирање. Тука ќе ги споменеме и задните потпирачи за глава кои се собираат во седиштата и дополнително придонесуваат за видливоста.

Големината на багажникот, исто така е меѓу најдобрите во класата – 519 литри се и повеќе од доволни. Позитивно е што и отворот на багажникот е доволно голем, па товарањето на поголеми предмети не е воопшто тешко.

Доколку желбата на корисникот е товарање со поголеми предмети, Karakuri системот на Mazda излегува во пресрет секому - со кратко повлекување на рачките, седиштата потонуваат во подот и прават рамна товарна површина.

Удобност / Комфор    

Ни самите ние не очекувавме дека бензинскиот модел ќе биде малку поудобен од дизелот. Сепак, објаснувањето лежи во пониската маса.

Имено, поради полесниот преден дел, предните амортизери не се толку многу оптоварени, па за разлика од дизелот, тие се за нијанса помеко подесени, како и кај сите бензинци во споредба до дизелските модели. Затоа кај овој модел, воочивме мала разлика во удобноста која ја има возилото и тоа само на предната оска, додека на задната клупа таа разлика исчезнува. Значи останува заклучокот дека Mazda 6 е една од потврдите во класата (ова не е кажано во негативна смисла, напротив, Mazda 6 поминува суверено преку нерамнините и не ги вознемирува патниците), но споредбено со дизелскиот модел, бензинскиот нуди за нијанса помеко возење кое се чувствува само на предните седишта.

Има и уште еден бенефит од бензинскиот мотор кај Mazda 6. Денешните дизели стануваат се потивки, а истото може да се каже и за тој кај Mazda 6, но бензинецот е толку многу тивок и работи со толку малку вибрации што понекогаш се добива чувство дека тој воопшто и не постои. Единствено се буди над 4.000 врт/мин, токму кога треба да ги разигра чувствата на патниците!

Возни Својства / Перформанси    

Бензинецот со зафатнина од 2,0 литри и сила од 147 КС е нов кај оваа генерација на Mazda 6 и со помош на електронски регулираното Multipoint впрскување на горивото овозможува високи перформанси и пониска потрошувачка на гориво.

Споредбено со дизелот, кој силата од 140 КС ја развива на 3.500 врт/мин, а вртежниот момент од 330 Nm при 2.000 врт/мин, бензинецот и покрај поголемата сила бара поголемо стискање на гасот за да се постигнат истите перформанси. Максималната сила од 147 КС кај овој мотор е расположива дури при 6.500 врт/мин, додека максималниот момент од 184 Nm е достапен на 4.000 врт/мин.

Повлекувањата, како и кај дизелот, се лесни, без наглото лепење, што делумно е и заслуга на долгите степени на менувачот (можеби и предолги за наш вкус), но кога ќе се достигнат 4.000 врт/мин, почнува вистинската забава, која ја овозможува секој јапонски атмосферски бензинец. Тогаш се буди цел автомобил и забрзувањата се како кај некој посилен модел, а убавиот и придушен звук го разигруваат срцето на секој патник. Затоа и држењето на моторот во високиот режим на вртежи не претставува никаков проблем, освен кога станува збор за потрошувачката на гориво која нагло расте при ваквите услови на работа. Уживањето го надополнува и шестстепениот мануелен менувач, кој многу попрецизно и полесно влегува во брзините отколку кај неговиот брат кој вози на нафта, посебно кога е во прашање префрлањето во непарните степени не пренос – без премногу напор, дури и инстантно, менувачот преминува од втората во третата или од четвртата во петтата брзина, како да има магнет во непарните брзини кој автоматски го привлекува менувачот. Брилијантно!



И бројките кажуваат за солидните перформанси на овој мотор – до 100 km/h стигнува за 9,9 секунди (10,5 за дизелот), што не е рекорд во класата, најверојатно поради подолгите преносни односи во менувачот, но максималната брзина изнесува 214 km/h, што е и повеќе од солиден резултат и е 10 km/h повеќе од дизелскиот модел. Споредбено, бензинецот навистина е поагилен од дизелот кога возачот ќе го побара тоа од него. На автопат, исто така, бензинецот и покрај понискиот вртежен момент покасно покажува знаци на слабост и полесно ги одржува високите брзински просеци, за што најдобро кажува и повисоката максимална брзина. Значи, поспортски настроените возачи, без страв од многу повисока потрошувачка, слободно можат да го одберат бензинскиот модел, кој многу повеќе одговара на филигрански подесеното подвозје.

Двојните трикраки попречни рамена напред и мултилинк оската од типот ”E” назад, овозможуваат супериорни возни својства – Mazda 6 е најуправливиот и најзабавен модел во класата. Ова веќе го потврдивме кај дизелскиот модел, но, поради пониската маса напред, тоа е уште поизразено кај бензинецот! Малата подуправливост што ја имаше моделот со дизел мотор, кај овој модел потполно исчезнува и брзините со кои може да се влезе во свиоците ја поместуваат границата во класата! Автомобилот слепо ја следи линијата која му е зададена и не бега надвор од патот како повеќето автомобили со преден погон, а каросеријата која е изработена од челик со голема цврстина, има висока торзиска крутост, па навалувањето во кривина скоро е и незабележливо. Значи, ќе се повториме – Mazda 6 е најуправливиот автомобил во класата, а тоа е уште повеќе изразено кај бензинскиот модел со 147 КС.

Потрошувачката на овој мотор, според фабричките податоци, изнесува неверојатни 7 литри во просек! На отворено троши 5,4 литри а во град 9 литри на 100 km, што е и повеќе од импресивен резултат. Кај тестираното возило, потрошувачката знаеше да порасне и преку 8 литри во просек, што и понатаму е импресивен резултат за автомобил од средната класа кој има 147 КС под хаубата. Дизелот пак, според фабричките податоци, троши 5,6 литри во просек и реално разликата со бензинецот и не е толку голема.

Сигурност и Безбедност

Mazda 6 2.0i се уште не е тестирана од реномираната EuroNCAP.

Од безбедносната опрема нема што нема: 10 воздушни перничиња, појаси со автоматски дозатегнувачи, ABS, EBD, DCS и TCS, активни потпирачи за глава на сите пет седишта итн. Едноставно, Mazda отсекогаш вложувала многу во подобрувањето на безбедноста, па нема причина да се верува дека 6-ката е небезбеден автомобил.

Опрема/Цена    

Цената на тестираниот модел со 2,0 бензинец со 147 КС и ТЕ пакет на опрема изнесува 24.990 евра, што е 1.000 помалку од дизелот со исто ниво на опрема.

Главен акцент во овој пакет е ставен на безбедносната опрема, која содржи: 10 воздушни перничиња, појаси со автоматски дозатегнувачи, ABS, EBD, DCS и TCS, активни потпирачи за глава на сите пет седишта итн, но ниту луксузот не запоставен: двозонска автоматска клима, целосна електрика, 17 инчни алуминиумски тркала, модуларно радио со шаржер за 6 CD-a, имобилизатор, сензори за светла, светла за магла, сензори за дожд итн.

Цената на бензинецот, според силата која ја поседува и несебичната опрема, е сосем коректна, но останува фактот дека се уште има поевтини автомобили во класата. Затоа пак Mazda е неприкосновена кога е во прашање квалитетот и гаранцијата од 3 години или 100.000 km.

Сепак, најинтересно ќе биде да се направи споредба со дизелскиот модел на Mazda 6, кој со истото ниво на опрема, чини 1.000 евра повеќе од бензинскиот. Секако, перформансите се на страната на бензинецот, но ајде да направиме една проста математика дали е исплатлив дизелот. Моменталната цена на бензинот кај нас е 64.5 денари а на дизелот точно 60 ден. Значи, според фабричката просечна потрошувачка, дизелот ќе го олесни корисникот за 336 денари за поминати 100 km, а корисникот на бензинецот ќе треба да оддели 452 денари за истата дистанца. Аналогно на тоа, по поминати 100.000 km, корисникот на дизелот за гориво ќе потроши 336.000 денари, а корисникот на бензинецот 452.000, што е разлика од 116.000 денари. Значи, според пресметките, инвестицијата во дизелот ќе се исплати од прилика после 50.000 km.



Заклучок
   

Mazda 6 со бензински мотор е вистинскиот автомобил за оние кои сакаат уживање зад воланот, но и доволно комфор и удобност за другите патници.

Во споредба со дизелот, бензинецот има подобри возни својства и подобри перформанси, за нијанса е поудобен и потивок, но и троши повеќе од дизелот. Исплатливоста на дизелот после 50.000 km и не е многу голема, со оглед на тоа што ваквиот тип на автомобили често излегуваат на автопат и побрзо ги голтаат километрите.

Според тоа, дизелот е препорака за штедливците и за оние кои сакаат лесно и без премногу напор да стигнат до саканата дестинација. Од друга страна, бензинецот е многу позабавен, побрз и потивок, па за сите љубители на доброто возење, препорака е да не размислуваат за потрошувачката и да го купат бензинецот.

Неколкуте негативни работи, се слични на оние што ги забележавме кај дизелскиот модел: долгите преносни односи во менувачот (поради намалување на потрошувачката) и релативно потврдата суспензија во однос на конкуренцијата (поради добрите возни својства), се секако нужно зло не треба да го спречат купувачот да се одлучи за ова возило. Единствено за што треба да се размислува е изборот меѓу дизел и бензин – ние ги образложивме разликите,па на вас останува да одлучите.


Mazda 6 - old
 Цени и нивоа на опрема
 Дополнителна опрема (*. Pdf)
 Краток опис
 Фотогалерија
 Видео




Стари коментари
mene mi se dopaga
Напишан од LJUPCO ATANASOV  пред  околу 80 месеци
MENE MAZDATA MI E VREZANA VO KRVTA KAKO STO KE NAPRAVI HIROHITO DRUG NE ZNAE.SAKAV DA KAZAM KAKO JAPONECOTO STO KE SOSTAVI MOTOR NA KOLA I VENTIL I CLIP NA KOLA DRUG NE ZNAE.TOA SO HIROHITO DRAGA IMPERATORSKA REDAKCIO KOLI TOA E KAZANO VO ALEGORIJA.
Напишан од LJUPCO ATANASOV  пред  околу 84 месеци
DRZI CENA I TESKO SE RASPIVA.SAMO EDNO KE KAZAM TUKA.KAKO JAPONECOT STO KE SKLOPI MOTOR NA KOLA I NAPRAVI KLIP I VENTIL NA MOTOR I AKUMULATOR DRUG NEZNAE KAKO NEGO
Напишан од LJUPCO ATANASOV  пред  околу 87 месеци
   
КОМЕНТАРИ - СТРАНА  1 од 1
 



Нашата редакција остро се противи на верски, расистички и национални коментари. Сите непристојни коментари ќе бидат отстранети.

Целосна архива на текстови од Тест



 
 
 
 






Одберете нов автомобил