Почетна страница Контакти Маркетинг Инфо
дома home avtomobili kola koli нови автомобили avtomobil kola koli половни avtomobil kola koli тестови avtomobil kola koli видеа avtomobil kola koli фотографии avtomobil kola koli форум avtomobil kola koli
  ПРОНАЈДИ НОВ АВТОМОБИЛ        НАЈНОВИ МОДЕЛИ        НАЈПОПУЛАРНИ       ТЕСТ       ПРЕМИЕРА        ВОЗЕВМЕ       СПОРЕДБИ       САЕМИ        ИДНИ МОДЕЛИ
Насловна > Новости > Тест > Fiat Bravo - не е само љубов на прв поглед
 
Spodeli
30 октомври 2009, 03:23


Fiat Bravo - не е само љубов на прв поглед Fiat Bravo Fiat Bravo - не е само љубов на прв поглед
Со потполно нов дизајнерски концепт, новото Bravo веднаш е воочливо дека е поголем брат на Punto-то – исклучително успешен дизајнерски концепт. Со исклучителните Т-Јет изведби на бензиските мотори, со извонреден баланс помеѓу перформансите и потрошувачката, новото Bravo веќе е во битка со конкурен...
fotografii фотографии Види фотографии komentari коментари Напиши коментар

Во последните три децении Fiat имаше голем успех во компакт класата. Многу негови модели (Tipo, 1989), (Bravo/Brava, 1996) ја понесоа ласкавата титула Автомобил на годината во Европа или пак беа во самиот врв на многу специјализирани избори од страна на европски автомобилски новинари.

Со појавата на моделот Stilo, значајно се промени дизајнерскиот курс на компанијата, со што се создаде и мала одбивност на купувачите од овој сегмент во однос на Fiat. Единствено, моделот со 3 врати успеа да освои многу спортски срца. Без оглед што Stilo-то со себе носеше подобар квалитет, значаен успех сепак изостана. Но, после 6 полни години производство, и нему му дојде време за пензија.


Новиот претставник на Fiat во C-сегментот, официјално беше претставен на почетокот на 2007, а кај нас пристигна некаде кон крајот на 2007. Го носи старото добро познато име – BRAVO, но има потполно нов дизајнерски концепт. Веднаш е воочливо дека е поголем брат на Punto-то – исклучително успешен дизајнерски концепт, произлезен од раката на мајсторот Giugaro.

Се роди нов Fiat со кој италијанците повторно имаат голем играч, и тоа во најсилната лига. Fiat некако успеа да го врати угледот и статусот. Завршните зборови ќе ги чуваме за заклучокот...

Дизајн    

За вкусовите не се зборува. Тоа е стара поговорка, за која Bravo-то е причина да веруваме дека и не мора баш да ја почитуваме.


Забелешките на сите нас од редакцијата на koli.com.mk (со различнои вкусови за автомобили), но и на сите други се едногласни. Убавината на Bravoто е тука. Лута и спортска силуета, изведена со меки и елегантни линии.  Италијанскиот дизајнерски мотив е повеќе од забележителен.  Како и речиси секој Fiat, Bravo-то има оригинален дизајн. Нешто што особено го почитуваме. Можеби и Stilo-то имаше оригинален дизајн, но не им се допаѓаше на сите. Тука веројатно импресиите се поразлични.

Новото Bravo очигледно е освежување во C-сегментот во однос на надворешниот дизајн, најмногу поради тоа што постојат автомобили со одлични карактеристики, но кај кои недостасува првичниот контакт со купувачите, единствено поради нивниот дизајн. Предниот дел недвосмислено потсетува на Maserati, а задниот на Ferrari. Марките со кои правиме споредба сами по себе јасно укажуваат за критиката што ја даваме во однос на дизајнот.



Предност за Bravo-то е што е нов модел. Сега го споредуваме со актуелниот модел на Mazda 3, малку конзервативен за некои купувачи, потоа со актуелниот модел на Megane, кој датира од 2002, со Golf V, па и со веќе 2,5 години стариот Leon... За воља на вистината, истото ова Bravo ќе треба на мегдан да биде со новите модели од автомобилите наведени претходно. Сепак, ако го споредуваме со младите по стаж модели во класата – Kia cee’d, Hyundai i30, Toyota Auris, целосната критика за надворешната убавина на Bravo-то се уште ќе остане е позитивна.

А, каква да биде кога станува збор за италијански автомобил? Ова не е предрасуда, само потврда на долгата традиција за автомобилите кои доаѓаат од земјата на љубовта и романтиката.

Ентериер

Забележлив е напредокот во однос на користените материјали во внатрешноста. Тоа е дел од корпоративната стратегија на приближување кон врвот во класата – на купувачите да им се понуди колку е можно поквалитетен ентериер.

Дизајнот на инструмент таблата е ориентиран повеќе кон оние купувачи кои сакаат поспортски изглед – како кај Alfa, со специфични големи кругови. Се чини повеќе внимание е обрнато на функционалноста, за разлика од порано, кога Fiat во својата внатрешност се трудеше повеќе да понуди оригинални и необични решенија.

Забележлива е тврдата пластика, но и многу квалитетно изработените странични делови. Облогите на вратите се направени цврсто и оставаат впечаток дека без проблем ќе му одолеат на времето.



Разните изведби на ентериерот доловуваат различно чувство. Моделот со 90 КС имаше изведба на ентериерот во две бои, што веруваме ќе им биде необична и интересна на многу купувачи. Седењето е релативно удобно, внатрешноста претпоставуваме дека ќе и се допадне на помладата популација, која сака автомобил од C-сегментот. Таблата со инструменти е комбинација на модерното и традиционалното, а нејзината основа во боја на слонова коска асоцира малку и на луксуз. Возачот многу брзо добива чувство дека се навикнува лесно на автомобилот.

Удобност / Комфор    

Високо ниво на прегледност, слаба звучна изолација

Возејќи го Bravo-то добивме пријатно чувство на моќ. Фабричкото радио со CD и командите поставени на воланот кои се дел од SPORT пакетот, заедно со одличното озвучување создаваат пријатна атмосфера.

Еден од моделите кој го имавме на располагање беше со поспортска суспензија од основаната (со 17 инчни алуминиумски наплатки), па за очекување беше дека не може да очекуваме крајно меко возење, иако Bravoто и во ваква изведба е помеко од некои од речиси сите германските конкуренти во класата, а и од некои кои се направени врз таква платформа кај кои, цената на возните својства, управливост и безбедност во голем дел е постигната благодарение на потврдата суспензија.

Bravo има релативно голем простор на стаклена површина, што е многу значајно за едноставно управување со автомобилот (ќе направиме споредба со Leon-от, каде на сметка на исклучително спортското седење, недостасува прегледност во сите правци). Оние што имале можност да возат Grande Punto ќе забележат дека леснотијата при возењето е присутна и тука.

Задната клупа нуди простор за 3 патника, но комфорно и удобно патување само за 2. Ова не мора да биде протолкувано како негативна критика, бидејќи слично е и кај сите останати модели од класата.

Во однос на внатрешноста, мораме да ја споменеме слабата звучна изолација на моделот со 90КС, кој е без турбина. Иако моторот е прилично гласен, очекувавме дека барем звучната изолација ќе биде на повисоко ниво. Сепак, моделот со 120 КС Т-Јет, со турбо полнач е многу потивок, па за оние што сакаат малку поспортско возење веројатно пријатен ќе им биде звукот што доаѓа паралелно со притискање на педалот за гас – како асоцијација на силата што се нуди.



Во прилог на задоволството при возењето е и 6-степениот менувач, кој е одлично прилагоден, со кратко распоредени пониски степени на пренос и долга 6-та. Првите 4 брзини се градски, петтата е многу слаба, и е еден вид престапна брзина, е во функција на 6-тата, каде се постигнува потребната тишина, но и мала потрошувачка Таа е истовремено силна, но и тивка, го држи моторот на 2000-2500 вртежи при брзини од околу 120-130 km/h. Ова е значајно заради бучавата која се избегнува при поголеми брзини. Менувачот има кракот од и е сосема прецизен и јасен.

Легнатите полицајци не можеме да не ги поменеме во секој тест, бидејќи ги има многу. Да сме во Германија или Франција немаше да ги споменуваме. Тука Bravo-то се однесува сосема солидно.

За разлика од многу модели на Fiat, каде седењето при возење е релативно високо, со високо поставени коленици, овде тој проблем го нема. Одличниот на рака волан се прилагодува и по висина и по длабочина, со што лесно ќе се постигне удобна возачка позиција – по желба и малку поспортски ориентирана, со пониско седење, притоа целосната видливост и контрола на околината се задржува.

Во багажникот на новото Bravo предвидени се 400 литри простор, што е задоволително, иако малку не ни се допадна високо поставениот праг на петтата врата и релативно малиот отвор преку кој треба да се внесуваат работите во багажникот. Ова е цената која се плаќа за добриот дизајн во задниот дел на автомобилот. Негативна критика оди и кај малиот ретровизор во внатрешноста

Оној кој се вози на задната клупа ќе забележи дека прилично му е скратена привилегијата да гледа на страна, поради високо поставената долна ивица на задните прозори. Тоа секако е дизајнерски успешен потег, кој некому би му се допаднал, некому не, но кој придонесува за подигнување на безбедноста на повисоко ниво за патниците кои седат на задната клупа. Во функција на безбедноста се и стандардните воздушни перничиња за возачот и совозачот.

Управување    

Прецизен во свиоци, но недостасува повеќе повратна информација од патот


Моделите што го возевме немааа ESP, (во Fiat тоа доаѓа со ознака ASR, како систем за динамичка стабилност) и искрено чувствувавме дека недостасува. Оној кој сака да ги искористи перформансите кои ги има на располагање со ваква комбинација на тежина на автомобил и сила на мотор веројатно ќе има и потреба од чувство на поголема сигурност.

Во свиоците е прецизен и стабилен, посебно моделот со поспортска суспензија, но според нас, недостасува повеќе повратна информација од патот, во поглед на поконтролирано управување.

Ако кај некои модели електронски контролираното возење (контрола на управување при поголеми брзини, менување на правецот при нагло намалување на брзината) е она главното, кај Bravo тоа се перформансите и забрзувањето. Сепак, возачот добива чувство дека вистински се наоѓа на пат, што го враќа во реалноста и го алармира дека автомобилот треба (и мора) безбедно да запре.

Мали забелешки имавме тука, при нагло вртење при поголема брзина, кога во конфликт секогаш се две сили – брзината и менувањето на правецот. Тоа се сили кои си спротиставуваат една на друга, а кои се резултат од команди зададени од возачот. Многу значајно е тие да бидат синхронизирани единствено во функција  на зголемување на безбедноста. Кај Bravo-то забележавме дека брзината тешко се контролира и дека е потребно поголема контрола или целосно внимание кај возачот. Ова кај некои други марки на модели е поинаку решено. Командата зададена на воланот секогаш има повисок приоритет во однос на онаа дадена со педалот за гас. Затоа, некои автомобили се подосадни и побезбедни, а други позабавни – такво е новото Bravo. Направен е за оние кои сакаат да возат!



Нерамнините на патот се чувствуваат, но воопшто не пречат (мора да направиме споредба –потврди се Kia cee’d, Seat Leon, па и Ford Focus и Golf V). Поради цената кога правиме вакви споредби, не ги ставаме во конкуренција BMW серија 1 и Audi A3. Renault Megane сеуште го држи приматот за автомобил со најмека суспензија.

Со дискови на сите четири тркала, апсолутно сме задоволни од системот за кочење, со единствена забелешка од веројатноста за пролизгување при истовремено менување на правецот и нагло намалување на брзината.

Мотори / Перформанси    

Извонредни T- Jet мотори - еластични, со одлични перформанси и многу мала потрошувачка. Позитивна критика и за дизелските и за бензиските мотори

Моторите се современи и моќни. Понудата е следна: 5 бензиски и 3 дизели. Сите бензиски се со зафатнина од 1368 ццм3, со 90, 120 и 150 КС. Трите дизели се со зафатнина од 1910 ццм3 со 120 и 150 КС, Тој со 150 КС (1.9 МJet 16V Sport)  е со 6-степен менувач, додека оној со 120 КС го има во варијанти со 5 (1.9 МJet 8V Dynamic) и со 6 степен менувач (1.9 МJet 16V Emotion)

Забележлива е силата до 5000 вртежи, кога и се забележува поголема бучава, но и нагло опаѓање на силата над 6.000 вртежи во минута.

Моделот 1.4.со 90 КС забрзува од 0-100 km/h за 12,2 секунди и има крајна брзина од 179 Km/h, додека оној со 120 КС, исто така 1.4 литрен 16V за да постигне 100 Km/h потребни му се 9.1 секунда. Моделот пак со 150 КС забрзува до стотка за 7,9 секунди и развива максимални 209 km/h,.

1.4 моторот со 120 КС се однесува како некои 2.0 турбо бензински од порано. Благодарение на тежината од околу 1,250 кг, ова е модел кој е многу забавен за возење.

Дизелите имаат просечна потрошувачка од околу 6 литри, со максимален обртен момент поставен многу ниско, на 2000 вртежи во минута. 1.9 литарскиот дизел постигнува 100 km/h за 9 секунди, а при 12 km/h на автопат, обртомерот се држи на 2000. Тоа допринесува за мала потрошувачка, со секогаш еластичен мотор на располагање, со кој без проблем се забрзува и се поедноставува процедурата за престигнување.

Тука доаѓаме до суштината на новото Bravo, посебно на моделот Т-Јет со 120 КС. Извонредни перформанси со ниска потрошувачка.



Само како најава. Турбо-полначот е механичка компонента која на моторите со мала зафатнина им овозможува работа со целиот нивен интензитет. Поентата е да бидат искомбинирани економичност на мал мотор и перформанси на поголем. Инженерите во Fiat, при конструирањето на новите T-Jet мотори во голема мерка успеале да го постигнат тоа. 1.4 литрен мотор, со турбополнач има 120, па и 150 КС, со вртежен момент е приближно ист кај двете верзии. Верзијата со 120 КС остварува максимален вртежен момент до 206 Nm при многу ниски - 1.750 вртежи, а оној со 150 КС има вртежен 200 Nm, но при 2.000 вртежи во минута. Тоа значи дека моторот има сила и при мали вртежи, развива поголема брзина на автопат исто така при помали вртежи, што придонесува за помала бучава, помала потрошувачка и помала емисија на штетни гасови. Тоа, всушност се главните одлики на новото Bravo.

Затоа, веројатно и при лагодно возење се буди спортистот во секого. Сите што живеат подинамично, за кои некогаш значи многу дали ќе стигнат за 8 или 10 минути некаде, ова е веројатно идеален градски автомобил. Не зборуваме за брзо возење, удобноста се задржува, силата е прилично добро прераспределена. Разликата е доколку ги гледате тие околу вас... или веќе зад Вас.

Сигурност и Безбедност

Во процесот на зголемување на безбедноста направени се вкупно 60 ‘краш’ тестови, поминати се 15.000 часа во компјутерска симулација на возење, направени се 150 компјутерски симулирани ‘краш’ тестови и уште 100 такви тестови на поединечни компоненти и под-системи. Тоа придонесе Fiat Bravo да освои 5***** звездички на EuroNCAP тестот за безбедност за заштита на патниците напред (со освоени 33 поени на тестот), 3*** за тие позади и 2** за пешаци. Сите модели на Bravo доаѓаат со две воздушни перничиња и ABS со EBD, а опција секако е ESP системот.

Опрема    

Високо ниво на опрема


Дел од стандардната опрема и на двата модела кои ги имавме на располагање е: Борд компјутер, патен компјутер, далечинско отклучување / заклучување на вратите и багажникот, ABS + EBD, Серво управувач – Dualdrive, со прилагодување и по висина и по длабoчина, клима уред, електрични ретровизори, висинско подесување и на возачко и на совозачко седиште, припрема за радио со 6 звучници и антена, светла за магла напред, предни и задни потпирачи за глава, предни електрични подигнувачи на стакла, Isofix припрема за седиште за деца и браници во боја на каросеријата.

Спорт пакетот вклучува спортски седишта, кожен волан, црвени шевови на рачката на менувачот и на рачната кочница, како и 17” наплатки изработени од лесен метал, вo интересна колор комбинација каде доминира црната боја, со гуми 225/45 – комбинација што создава одличен визуелен впечаток, но проблем би можело да претставува нивнит низок профил, кој не е згоден за улици како нашите.

Квалитетните (рака на срце неприродни) материјали со кои се обложени седиштата, инаку многу добро профилирани, секако се дел од овој пакет на опременост.

За напоменување е дека има и опција за две нивоа на серво-управувач. Со притискање на City копчето управувачот станува полесен за вртење, што е многу згодно при мали брзини, на паркинг. При развивање на поголема брзина ова автоматски се исклучува. Тука е и Blue&Me опцијата со која при одреден степен на завртување на воланот се вклучуваат светла за магла на страната каде е завртен воланот, осветлувајќи го делот од патот во кој возачот во моментот гледа. Ова е особено згодно за паркирање во услови каде нема добра видливост. Такви места во Македонија има многу. Затоа, ова е и повеќе од значајна опција.
Цена / Трошоци     ^ Top

Потрошувачка
      
Мала потрошувачка, особено на отворено, на брзини околу 110-120 km/h


Ако се има в предвид цената на основиот модел, со релативно богатата сериска опрема, значи дека Bravo би можело да се набави по сосема добра цена. Неговата цена не се разликува многу од онаа на конкурентите, посебно ако се има в предвид дека е најмлад во класата.  Но, ако се земе некој најсилниот дизел со дополна (Спорта пакет, металик боја, радио ЦД) може да се достигне и цена над 22.000 Евра, цена која сериозно навлегува во D-сегментот.

Моделот 1.4 16V Dynamic со 90 КС e со почетна цена од 13.990 Евра, а заедно со СПОРТ Пакетот (1625 Евра) фабрички вграденото Blaupunkt CD (320 Евра), и пастелна боја (160 Евра) достигнува сума од 16.095 Евра. Спортскиот пакет вклучува: Задни и странични спојлери, хромиран Кит, 17” алуминиумски наплатки со пневматици 225/45, лумбарно подесување на возачкото седиште, кожен управувач со спортски дизајн, двобоен ентериер и потпирач за рака со ладилник за течности.

Посилниот модел кој го имавме на располагање беше 1.4 16V, но со 120 КС започнува од 15.390 Евра, без спортски пакет, но со 16” алуминиумски наплатки (400 Евра), Радио CD Blaupunkt (320 Евра), и бисерна боја, екстрасерија (300 Евра). Сето заедно = 16.410 Евра.

Заклучок    


Ако се вратиме во реалноста, од каде не зема Bravoто, мораме да бидеме задоволни од дизајнот и изгледот, со кој сигурно е во врвот на класата. Во својата класа се издвојува и според потрошувачката. За пазари како Македонија, со многу значајна ценовна граница од 1500 ццм, особено се значајни 1.4 турбо изведбите на бензиските мотори, со извонреден баланс помеѓу перформансите и потрошувачката.

Видно подобрен од својот претходник Stilo, со поквалитетен ентериер, Bravoто не може да се пофали дека е најдобар во класата – но е исклучително солиден конкурент. Единствено преостанува да го оставиме неговото величество времето да покаже колку квалитетно е изработен новиот адут на Fiat и колку чини за одржување. Трајноста и квалитетот мора да бидат одлика на Bravo-то ако сака да остане во борба со конкуренцијата.

Сепак, не се работи секогаш само за љубов на прв поглед. Има нешто и после тоа...


Fiat Bravo
 Цени и нивоа на опрема
 Дополнителна опрема (*. Pdf)
 Краток опис
 Фотогалерија
 Видео




Стари коментари
OVA E UTNATA INVESTICIJA
Напишан од ATANASOV LJUPCO  пред  околу 85 месеци
   
КОМЕНТАРИ - СТРАНА  1 од 1
 



Нашата редакција остро се противи на верски, расистички и национални коментари. Сите непристојни коментари ќе бидат отстранети.

Целосна архива на текстови од Тест



 
 
 
 






Одберете нов автомобил